Прескокни до содржина
Засилена автентикација при електронски плаќања

Новости

Соопштенија

Засилена автентикација при електронски плаќања

17.02.2026

Македонската банкарска асоцијација информира дека од 1 март 2026 година почнува примена на засилена автентикација (SCA) при извршување на одредени платежни трансакции, во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи.

Засилената автентикација ќе се применува кај платежни трансакции иницирани на далечина, вклучувајќи плаќања со платежни картички при електронска трговија и кредитни трансфери иницирани преку интернет-банкарство или мобилни апликации.

Целта на воведување на засилената автентикација е подигнување на нивото на безбедност на електронските плаќања, намалување на ризикот од неовластени трансакции и подобра заштита на корисниците.

Засилената автентикација се заснова на користење на најмалку два од три меѓусебно независни елементи: елемент на знаење (лозинка или ПИН), елемент на поседување (мобилен уред, токен или платежна картичка), и елемент на својство (биометриски податоци).

Досегашните начини на потврда како еднократни кодови преку СМС или електронска пошта ќе бидат заменети или надградени со посовремени и побезбедни механизми во согласност со барањата на засилената автентикација.

Секоја банка самостојно ќе го дефинира моделот на засилена автентикација согласно законската рамка и сопствените технички и организациски можности.

Банките ќе пристапат кон информирање и едукација на своите клиенти за применуваните решенија, постапките за автентикација и практичните чекори при извршување на платежни трансакции.