Прескокни до содржина
За убави маалски дружби, нов сквер пред платото на Општина Центар, донација од Стопанска банка

Новости

Соопштенија

За убави маалски дружби, нов сквер пред платото на Општина Центар, донација од Стопанска банка

19.06.2024

„За убави маалски дружби“, Општина Центар доби нов сквер како донација од Стопанска банка - АД Скопје. Скверот е пред платото на Општина Центар на аголот од ул. „Михаил Цоков“ и ул. „Орце Николов“ и вклучува футуристичка инсталација т.н. „урбан атрактор“. Оваа урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, декоративно зеленило и паркинг за велосипеди се протега на површина од 56 метри квадратни.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски заедно со г. Бојан Стојаноски Генерален директор за управување со ризици и Член на управниот одбор при Стопанска банка АД - Скопје го отворија новиот сквер порачувајќи дека ова катче ќе го оживее просторот и ќе биде ново збирно место за одмор и дружба.

„Ме радува што Дебар Маало добива нов сквер каде граѓаните ќе може да одморат“ вели Герасимовски, додавајќи дека просторот е идеален за пауза и социјализација, особено со вечерното осветлување.

„Маалото е институција која треба да се негува“ изјави Стојаноски, нагласувајќи дека инспирацијата доаѓа од 80-годишната традиција на банката во служење на заедницата.

Скверот е авторско дело на архитектонското студио БМА и Бесиан Мемети, архитект.

Стопанска банка АД - Скопје продолжува да создава трајни вредности за заедницата преку своите општествено одговорни активности во партнерство со граѓанскиот сектор и локалната самоуправа.