Новости
Соопштенија
Впечатоци од седмото издание на „Вози право, вози здраво"
29.05.2023
Во одлично расположение и покрај променливите временски услови зад нас го оставаме седмото издание на Вози право, вози здраво!
Ниту променливото време и најавите за дожд не ги спречија граѓаните вчера по седми пат масовно да излезат на скопските улици со своите алтернативни превозни средства за да бидат дел од седмото издание на настанот „Вози право, вози здраво". Веќе традиционалниот настан во организација на Стопанска банка АД-Скопје обедини 8.000 учесници од сите возрасни категории кои дојдоа со своите велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, а некои и со колички за бебе, па релаксирано се возеа од Порта Македонија до Градскиот парк и ја поддржаа мисијата на Стопанска банка за промоција на велосипедот како урбана форма на транспорт, со цел стекнување здрави навики и подобра животна средина.
Настанот почна во 11 часот од Порта Македонија, од каде што долгата, непрегледна колона учесници ги „зазеде" градските улици кои вчера беа целосно ослободени од автомобили. На финишот во Градски парк учесниците ги пречека освежување, сладолед и грицки како и голема забава со водителите, омилените јунаци од 5+ Фамилија, бројни активности реализирани од Баскерфест како: улични акробати, спортски активности, артисти, музика подароци и многу вредни награди од богатата лотарија.
На најсреќните учесници им беа доделени 50 награди вклучувајќи вредносен ваучер од 12.000 денари, велосипеди, кациги, слушалки и други производи. Дел од посетителите имаа можност и добија над 200 утешни награди.
Како и секоја година, Стопанска банка го заокружува изданието на „Вози право, вози здраво" со донација за изградба и одржување на велосипедската инфраструктура. Од изминатите изданија, Банката донираше средства за детски велосипедски полигон, станици за поправка на велосипеди, паркинзи за велосипеди и две pumptrack полигони во Скопје.
„Вози право, вози здраво" е настан кој масовно ја шири велосипедската култура и ги промовира алтернативните начини на превоз во урбани средини со кои се чува животната средина.