Прескокни до содржина
Вози право, вози здраво 8мо издание

Новости

Соопштенија

Вози право, вози здраво 8мо издание

20.05.2024

„Вози право, вози здраво“ осми пат низ скопските улици, регистрацијата веќе е отворена.

Подгответе ги велосипедите, тротинетите, ролерките и други еколошки превозни средства бидејќи на 2 јуни (недела) од 11 часот по осми пат ќе се одржи најмасовниот ревијален настан „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка АД - Скопје. Центарот на Скопје ќе биде преплавен со различни видови превозни средства кои не ја загадуваат животната средина и нудат алтернативни опции за превоз низ градските улици, со што се поттикнуваат здрави животни навики и начин на живот. Стартот на трката е од Порта Македонија, а возењето завршува во Градскиот парк со голема забава на отворено.

Регистрацијата за ревијалниот настан почнува денеска (20 мај). Сите што сакаат да бидат дел од настанот треба бесплатно да се регистрираат преку официјалната веб-страна, со што ќе добијат стартен број за учество во богатата лотарија.

Осмото издание се одржува во јубилејната година на Стопанска банка кога се одбележуваат 80 години од нејзиното основање. Наградите за лотаријата вклучуваат по осум награди од 10 категории: велосипеди, заштитни кациги, тротинети, паметни часовници, ролерки, спортски ранци, хамоци, слушалки и термоси. За учесниците ќе има организирана забава, DJ програма, забавни и спортски активности, освежување и подароци.

Регистрацијата за настанот е отворена до 1 јуни. Стартните броеви може да се подигнуваат од 27 мај до 1 јуни од 10 до 18 часот пред објектот на Стопанска лизинг. Секој регистриран учесник ќе добие маичка, купони за освежување и можност за учество во лотаријата.

Минатогодишното издание обедини околу 8.000 учесници од сите возрасни категории. Настанот е наменет за забава, дружење и промоција на здравите животни навики. Банката продолжува да донира урбана опрема за поддршка на велосипедизмот во Скопје.