Новости
Соопштенија
Стопанска банка АД – Скопје одбележува почеток на градба на нова управна зграда, прва во својата богата историја
23.11.2022
Денес на свечена церемонија Стопанска банка АД – Скопје го одбележа започнувањето на градежните работи за изградба на нова управна зграда. Како дел од урбаната средина во срцето на градот, новиот современ објект ќе обезбеди врвни услови за работа за вработените на Банката и за нејзините бројни клиенти.
Стопанска банка АД – Скопје, како дел од Групацијата на Националната Банка на Грција, со години остварува високи резултати во работењето, кои ѝ овозможуваат да инвестира во нов, современ деловен објект со кој ќе се продолжи по патот на успехот. Ова е прв ваков објект на Банката од нејзиното основање.
Со своето присуство, придонес за церемонијата дадоа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски; амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија, г-а Софија Филипиду; генералниот извршен директор на Групацијата на Националната банка на Грција, г. Павлос Милонас; генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, г. Диомидис Николетопулос и високи гости.
Новиот дом за вработените и клиентите на Банката се очекува да биде комплетиран во последниот квартал на 2024 година и комплетно предаден во употреба во првиот квартал на 2025та година.
Станува збор за 11 катница која ќе изобилува со природно светло и пријатен работен амбиент. На приземјето ќе бидат отворени филијала, изложбен салон и простор за СБ Брокер, додека на горниот кат вработените ќе имаат на располагање голема зелена тераса. Особено внимание е посветено на енергетската ефикасност на зградата со цел заштита на животната средина.