Новости
Соопштенија
Донација за територијалните пожарникарски единици
27.12.2024
Стопанска банка целосно опреми три територијални противпожарни единици со индивидуална пожарникарска униформа која вклучува: чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и пантолони. Униформата е со врвен квалитет и специјално изработена за борба со шумски пожари, природна непогода од која секоја година страдаат нашите планини.
ТППЕ Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово со вкупно 27 пожарникари веќе ја користат опремата и го изразија своето задоволство на средбата со Управниот одбор на Стопанска банка во Центарот за управување со кризи.
Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, на средбата со присутните пожарникари, претставници од територијалните единици им се заблагодари за нивната пожртвуваност и посветеност кон заштитата на природата и граѓаните од една од најопасните појави - пожарот.
Донацијата од Банката е израз на нашата длабока благодарност и почит кон сите пожарникари, поттикната од разорните пожари кои ја зафатија земјата во текот на летото.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на средбата со менаџментот на Банката и претставниците од ТППЕ во просториите на ЦУК, изрази голема благодарност до пожарникарите за нивниот голем ангажман во справување со огнените стихии, како и до Банката, донатор на опремата за пожарникарите.
Со ваквите реализирани донации, а на линија со кампањата „ДОМА" која во текот на 2024 година го промовираше 80. јубилеј на Стопанска банка, придонесуваме ДОМА да ни биде подобро, побезбедно и со тоа да градиме иднина на здрави и цврсти темели.
Во екот на катастрофалните пожари кои ги зафатија шумите низ земјата, Банката се обрати во Центарот за управување со кризи со понуда да помогне на начин што ќе ги засили напорите за справување со шумски пожари на подолг рок.
Низ преговорите со ЦУК, предложено беше да се обезбеди комплет индивидуална опрема за 27 пожарникари, односно комплетно опремување на три територијални единици и сите нивни активни пожарникари - Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово.
Банката ја набави опремата од локални добавувачи кои испорачаа врвна опрема изработена по светски стандарди, која може да издржи високи температури со максимална заштита за корисниците.